Thursday, October 25, 2007

Кинески нудли со зеленчук



Лесно и брзо јадење. Време на подготовка едно 20-тина минути.
Рецепт за двајца.

Напомена: Нудлите може да ги замените со шпагети.

Потребно е:

1. 200гр нудли (или шпагети)
2. 1 мала главица кромид
3. 1 тиквица
4. 2-3 крупни печурки
5. 2-3 моркови
6. 1 пиперка
7. сол
8. црн пипер
9. 2 супени лажици соја сос
10. 1 супена лажица сенф
11. 1 супена лажица мед
12. малку иситнети кикиритки

Нудлите или шпагетите сварете ги според упатството на пакувањето.
Додека се варат, исечкајте го зеленчукот на тенки ленти, или на коцки, како сакате. Во подлабок сад (имајте во предвид дека во него после ќе ги измешате и нудлите) на оган ставете малку зејтин и пропржете го кромидот исечкан на кругови.

Откако ќе се испржи кромидот додадете го преостанатиот зеленчук.
Мешајте на јак оган додека да испари водата и зеленчукот не омекне. Но, немојте да претерате, треба да остане цел а не раскашавен.:)

Додадете зачини по вкус, соја сосот, медот и сенфот и сето тоа убаво измешајте го над тивок оган.

На крај додадете ги исцедените нудли, пржете ги заедно околу 1 минута и сервирајте.
Одозгора посипете ги со иситнетите кикиритки.

Напомена: Во ова јадење може да ставите зеленчук по ваш избор. Јас најчесто ставам тоа што ми е при рака.
На сликата погоре има и 100гр. bean sprouts. Може да додадете и месо исечено на тенки ленти, или во иста форма како и зеленчукот.

Monday, October 15, 2007

Авокадо салата


Кога сакате да внесете нешто ново, а да ги има речиси истите состојки како за шопска, која ние ја јадеме секој 2 ден :), ова е вистинскиот избор.
Авокадото и сокот од лимон и даваат посебен вкус на оваа салата.
Време на подготвување околу 5 минути.

Потребно е: (За двајца)

1. 3 домати
2. 1 краставица
3. 1 авокадо (кога го бирате авокадото гледајте да е средно тврдо, тоа значи дека е зрело и спремно за јадење)
4. 1 чешне лук
5. 1 свежа пиперка
6. 50 грама сирење
7. Сок од еден лимон
8. Маслиново масло
9. Сол
10. Црн пипер
11. Исечкан магданос (или оригано)

Подготовка:

Исечете ги пиперката, доматите и краставицата на средно ситни коцки, потоа додадете го исечканото авокадо истотака на коцки, додадете ги зачините, сокот од лимон и полека измешајте се, внимавајќи да не се згмечи(раскашави) авокадото. На крај изрендајте го сирењето за украс и посипете со оригано или магданос.

Thursday, October 11, 2007

Полнети печурки



(За двајца)
Потребно е:

1. 10-тина големи печурки.
2. 100 грама лебни трошки
(Препечете 2 парчиња леб во рерна или на тост, потоа изронете ги со сукало)
3. 50 грама изрендан кашкавал
4. 2 големи лажици сок од домати
5. 1 лажица маслиново масло
6. сол и црн пипер за вкус

Изработка:

Избришајте ги печурките со сува крпа и отстранете им ги рачките.

Во друг сад измешајте ги останатите состојќи, додадете ги ситно исечкани рачките од печурките кои претходно ги отстранивте. Додадете сол и црн пипер по вкус.

Загрејте ја рерната на 375F (190C).

Наполнете ги печурките со вака подготвената смеса. Ставете ги во подмачкан плех на оддалеченост од 2см.



Печете околу 15-20 минути во добро загреана рерна или додека не добијат златно кафеава боја.

Може да ги послужите со ориз, со салата, или како предјадење.

Палачинки со Еурокрем и банани



Кој не сака палачинки нека крене рака. Јас ги обожавам.
Од многуте рецепти кои досега ги имам испробано, еве еден Неготински, за овој нема утка. Секако дека мора да имате и добра тава која не се лепи.

За тестото:
1. 250ml кисела вода
2. 1 јајце
3. 3 супени лажици зејтин
4. малку сол (неколку зрнца)
5. 10 супени лажици брашно (рамни)

За Фил:
Еурокрем-Таково (првиот, вистинскиот и единствениот)
2-3 банани

Подготовка на тестото: Во поголем сад се става се освен брашното, се меша добро со жица за матење. Постепено се додава брашното. Смесата треба да биде глатка.

Се црпе од смесата и се става толку колку да се обложи тавата. Се превртуваат за да се испржат и од двете страни. (За ова треба да сте махер, а и ако некоја ви заврши на подот при првите неколку обиди, без секиранција, ќе научите)

Од оваа смеса излегуваат негде околу 9 палачинки во средна големина.

Секоја се премачкува со еурокрем, се става банана и се завиткува во ролат.
Палачинките може да ги филувате и како солено предјадење со шунка, кашкавал, ќешап...
Ама јас си ги сакам вакви, класика. :)



И тоа е тоа.