Thursday, December 27, 2007

Банана-Цитрон-Портокал напиток



Доволно е за двајца.

1. сок од свежо исцеден портокал
2. сок од свежо исцеден цитрон
3. 2 банани

Сето ова се става во блендер и та да...
За 5 мин имате прекрасен освежувачки напиток.

Monday, December 24, 2007

Пилешки прсти




Прсти да излижеш...

Потребно е:
1. 500гр пилешки гради
2. 120гр брашно
3. 120мл пиво
4. 4 јајца
5. сол
6. зејтин за пржење

Подготовка:

Исечете го пилешкото на стапчиња со дебелина од 1см. Во подлабок сад изматете ги прво белките (како за торта), и потоа додадете ги жолчките кои претходно ги имате измешано со пивото и со брашното. Посолете по вкус.
Смесата треба да биде густа како за палачинки.

Во подлабок сад загрејте зејтин. Стапчињата валкајте ги прво во брашно, па во подготвената смеса и пржете ги додека не поруменат од двете страни.
Откако ќе се испржат извадете ги на хартија да се впие вишокот зејтин.

Сервирајте со тартар сос или со сос од сенф и мед.
Ммммм, многу се вкусни. Добри се за со пиво во снежна зимска ноќ.

Мали пици



... Исти како големите, само мали...
За тестото:
1. 300мл млеко
2. 100мл вода
3. 2јајца (и немора)
4. 1 лажица шеќер
5. 1 мала лажица сол
6. квасец
7. брашно околу 1 кг
8. 2 лажици стопен или омекнат маргарин

Подготовка:
Се замесува средно тврдо тесто од состојките погоре и се остава да скисне.

Фил:
1. 250гр изрендан кашкавал
2. околу 100гр шунка
3. околу 100гр пеперони
4. 50гр црни маслинки
5. оригано за посипување
6. кечап или доматно пире
(Со филот може да се биде креативен, што мене ме мрзеше овој пат :))

Откако стаса тестото, се сукаат мали тркалца со дијаметар од околу 7см.
Тип: За да не ви се лепи тестото мачкајте си ги рацете со маргарин додека ги правите топчињата.
Се премачкуваат прво со кечап, се става од изренданиот кашкавал, парче шунка, парче пеперони и пола маслинка. Одозгора се посипува со оригано.
Се редат во подмачкан плех и се печат на температура од 200С едно 20-тина минути.

Saturday, December 22, 2007

Крофни


На мирисот не верувам дека може некој да му оддолее.

Потребно е:

1. 300мл млеко
2. 100мл вода
(Или во оригиналниот рецепт беше 200мл вода и 200мл млеко)
3. квасец
4. 7 лажици зејтин
5. 2 јајца
6. 1 лажица шеќер
7. 1 мало лажиче сол
8. Околу 1кг брашно (или колку прибере се додека не се добие глатко средно тврдо тесто)
9. зејтин за пржење

Подготовка:

Во подлабок сад измешајте ги јајцата, стасаниот квасец (јас ставам сув квасец, никогаш не го подготвувам посебно), солта, шеќерот и 7-те лажици зејтин.
Потоа додадете брашно и замесете глатко средно тврдо тесто.
Оставете го тестото да стаса.
Откако ќе стаса, сукајте кора во дебелина од 1см. Со калап за крофни, или со обична чаша, правете кругови, или разни други форми. Оставете ги така направените крофните да отстојат 30 мин. на собна температура, покриени со пластична фолија за да не фатат кора.



Потоа пржете ги во добро загреан зејтин додека не поруменат од двете страни.


На крај посипете со шеќер во прав и уживајте.

Може да ги полните со мармалад, или со крем некој, по ваша желба.

Варени ѓевречиња



Потребно е:

1. 1кг брашно
2. квасец
3. 1 мало лажиче сол
4. 1 супена лажица шекер

Подготовка:

Од сите состојки се замесува средно тврдо тесто. Тестото не се остава да стасува, се прави веднаш.
Поделете го тестото на 12 еднакви делови ако сакате поголеми ѓевречиња, или на 24 ако сакате помали.
Обликувајте ги по ваша желба.

Сварете 1л вода со 3 лажици мед. Откако ќе зоврие пуштајте ги ѓевречињата во водата и вадете ги кога ќе испливаат на површина.



Потоа се валкаат во сусам и се редат на подмачкан плех.
Се печат на температура од 250 степени да поруменат.