Thursday, December 27, 2007

Банана-Цитрон-Портокал напиток



Доволно е за двајца.

1. сок од свежо исцеден портокал
2. сок од свежо исцеден цитрон
3. 2 банани

Сето ова се става во блендер и та да...
За 5 мин имате прекрасен освежувачки напиток.

Monday, December 24, 2007

Пилешки прсти




Прсти да излижеш...

Потребно е:
1. 500гр пилешки гради
2. 120гр брашно
3. 120мл пиво
4. 4 јајца
5. сол
6. зејтин за пржење

Подготовка:

Исечете го пилешкото на стапчиња со дебелина од 1см. Во подлабок сад изматете ги прво белките (како за торта), и потоа додадете ги жолчките кои претходно ги имате измешано со пивото и со брашното. Посолете по вкус.
Смесата треба да биде густа како за палачинки.

Во подлабок сад загрејте зејтин. Стапчињата валкајте ги прво во брашно, па во подготвената смеса и пржете ги додека не поруменат од двете страни.
Откако ќе се испржат извадете ги на хартија да се впие вишокот зејтин.

Сервирајте со тартар сос или со сос од сенф и мед.
Ммммм, многу се вкусни. Добри се за со пиво во снежна зимска ноќ.

Мали пици



... Исти како големите, само мали...
За тестото:
1. 300мл млеко
2. 100мл вода
3. 2јајца (и немора)
4. 1 лажица шеќер
5. 1 мала лажица сол
6. квасец
7. брашно околу 1 кг
8. 2 лажици стопен или омекнат маргарин

Подготовка:
Се замесува средно тврдо тесто од состојките погоре и се остава да скисне.

Фил:
1. 250гр изрендан кашкавал
2. околу 100гр шунка
3. околу 100гр пеперони
4. 50гр црни маслинки
5. оригано за посипување
6. кечап или доматно пире
(Со филот може да се биде креативен, што мене ме мрзеше овој пат :))

Откако стаса тестото, се сукаат мали тркалца со дијаметар од околу 7см.
Тип: За да не ви се лепи тестото мачкајте си ги рацете со маргарин додека ги правите топчињата.
Се премачкуваат прво со кечап, се става од изренданиот кашкавал, парче шунка, парче пеперони и пола маслинка. Одозгора се посипува со оригано.
Се редат во подмачкан плех и се печат на температура од 200С едно 20-тина минути.

Saturday, December 22, 2007

Крофни


На мирисот не верувам дека може некој да му оддолее.

Потребно е:

1. 300мл млеко
2. 100мл вода
(Или во оригиналниот рецепт беше 200мл вода и 200мл млеко)
3. квасец
4. 7 лажици зејтин
5. 2 јајца
6. 1 лажица шеќер
7. 1 мало лажиче сол
8. Околу 1кг брашно (или колку прибере се додека не се добие глатко средно тврдо тесто)
9. зејтин за пржење

Подготовка:

Во подлабок сад измешајте ги јајцата, стасаниот квасец (јас ставам сув квасец, никогаш не го подготвувам посебно), солта, шеќерот и 7-те лажици зејтин.
Потоа додадете брашно и замесете глатко средно тврдо тесто.
Оставете го тестото да стаса.
Откако ќе стаса, сукајте кора во дебелина од 1см. Со калап за крофни, или со обична чаша, правете кругови, или разни други форми. Оставете ги така направените крофните да отстојат 30 мин. на собна температура, покриени со пластична фолија за да не фатат кора.



Потоа пржете ги во добро загреан зејтин додека не поруменат од двете страни.


На крај посипете со шеќер во прав и уживајте.

Може да ги полните со мармалад, или со крем некој, по ваша желба.

Варени ѓевречиња



Потребно е:

1. 1кг брашно
2. квасец
3. 1 мало лажиче сол
4. 1 супена лажица шекер

Подготовка:

Од сите состојки се замесува средно тврдо тесто. Тестото не се остава да стасува, се прави веднаш.
Поделете го тестото на 12 еднакви делови ако сакате поголеми ѓевречиња, или на 24 ако сакате помали.
Обликувајте ги по ваша желба.

Сварете 1л вода со 3 лажици мед. Откако ќе зоврие пуштајте ги ѓевречињата во водата и вадете ги кога ќе испливаат на површина.



Потоа се валкаат во сусам и се редат на подмачкан плех.
Се печат на температура од 250 степени да поруменат.

Sunday, November 11, 2007

Ролатчиња од цимет


За тие што сакаат цимет, ова е вистински рецепт.

Потребно е:

За тестото:

250ml млеко
2 супени лажици сув квасец
1 супена лажица шеќер
1 мала лажичка сол
Брашно колку прибере (отприлика 600гр)

250гр маргарин (се става отпосле врз готовото тесто)

За Филот

100gr кафеав шекер
2 лажици маргарин
2 лажици цимет

Подготовка:

Во подлабок сад за месење, ставете го загреаното млеко (не многу прегреано), солта, 1 лажица шекер, квасецот и додавајте брашно додека не добиете средно тврдо тесто.
Оставете го тестото покриено на собна темпереатура да стаса, да се зголеми двојно.

На страна направете го филот од кафеавиот шекер, маргаринот и циметот.

Откако е стасано тестото, расукајте го во четвртаста форма. На половина од тестото ставете го изренданиот маргарин. (*Маргаринот ќе се ренда полесно ако го држите во фрижидер пред употреба). Потоа преклопете ја другата половина, врз таа каде е маргаринот. Ставете во фрижидер да се стврдне околу 10-тина минути.
Откако ќе го извадите од фрижидер, за полесно да го сукате јас го сечам на 2 еднакви дела. Секој дел се расукува во дебелина од половина сантиметар, се става од филот насекаде и се завиткува како ролат. Сечете мали ролатчиња со големина од 3-4см. Секој од ролатчињата ставете го на плех за печење, внимавајте да има растојание од 2-3см едно од друго.

Истата постапка повторете ја и со другата половина од тестото.

Тип: Може половина од тестото да го направите во солена варијанта, со сирење на пример.

Печете во загреана рерна на 200Ц околу 30-тина минути или додека не добијат румена боја.

Wednesday, November 7, 2007

Макарони со Алфредо сос



Кога сакате да пробате поинакви макарони, пробајте го овој рецепт.
Ова јадење се подготвува за 20-тина минути.

Потребно е (за двајца):

1. 200 грама макарони
2. 1-2 чешниња лук
3. една лажица маргарин
4. 50 грама рендан кашкавал
5. 250мл павлака
6. црн пипер
7. сол

Подготовка

Сварете ги макароните и исцедете ги. (Јас ги варам макароните во солена вода и потоа не додавам повеќе сол, зависи какви ги сакате)
Во подлабок сад за пржење ставете го маргаринот и ситно исечканиот лук да се зарумени. Додадете ја павлаката, црниот пипер и промешајте. Мешајте на оган не повеќе од 3 минути.
Ова е многу важно, јас втор пат кога ги правев заборавив на овој факт и сосот се претвори во вода, па го исфрлив. :)
Кога сосот е готов истурете ги сварените макарони, додадете го изренданиот кашкавал и се добро измешајте над рингла, не повеќе од 1-2 минути.

Може да ги сервирате со зеленчук на страна и да ги посипете со изрендан кашкавал.
Лукот им дава посебен вкус, толку едноставни а вкусни.

Thursday, October 25, 2007

Кинески нудли со зеленчук



Лесно и брзо јадење. Време на подготовка едно 20-тина минути.
Рецепт за двајца.

Напомена: Нудлите може да ги замените со шпагети.

Потребно е:

1. 200гр нудли (или шпагети)
2. 1 мала главица кромид
3. 1 тиквица
4. 2-3 крупни печурки
5. 2-3 моркови
6. 1 пиперка
7. сол
8. црн пипер
9. 2 супени лажици соја сос
10. 1 супена лажица сенф
11. 1 супена лажица мед
12. малку иситнети кикиритки

Нудлите или шпагетите сварете ги според упатството на пакувањето.
Додека се варат, исечкајте го зеленчукот на тенки ленти, или на коцки, како сакате. Во подлабок сад (имајте во предвид дека во него после ќе ги измешате и нудлите) на оган ставете малку зејтин и пропржете го кромидот исечкан на кругови.

Откако ќе се испржи кромидот додадете го преостанатиот зеленчук.
Мешајте на јак оган додека да испари водата и зеленчукот не омекне. Но, немојте да претерате, треба да остане цел а не раскашавен.:)

Додадете зачини по вкус, соја сосот, медот и сенфот и сето тоа убаво измешајте го над тивок оган.

На крај додадете ги исцедените нудли, пржете ги заедно околу 1 минута и сервирајте.
Одозгора посипете ги со иситнетите кикиритки.

Напомена: Во ова јадење може да ставите зеленчук по ваш избор. Јас најчесто ставам тоа што ми е при рака.
На сликата погоре има и 100гр. bean sprouts. Може да додадете и месо исечено на тенки ленти, или во иста форма како и зеленчукот.

Monday, October 15, 2007

Авокадо салата


Кога сакате да внесете нешто ново, а да ги има речиси истите состојки како за шопска, која ние ја јадеме секој 2 ден :), ова е вистинскиот избор.
Авокадото и сокот од лимон и даваат посебен вкус на оваа салата.
Време на подготвување околу 5 минути.

Потребно е: (За двајца)

1. 3 домати
2. 1 краставица
3. 1 авокадо (кога го бирате авокадото гледајте да е средно тврдо, тоа значи дека е зрело и спремно за јадење)
4. 1 чешне лук
5. 1 свежа пиперка
6. 50 грама сирење
7. Сок од еден лимон
8. Маслиново масло
9. Сол
10. Црн пипер
11. Исечкан магданос (или оригано)

Подготовка:

Исечете ги пиперката, доматите и краставицата на средно ситни коцки, потоа додадете го исечканото авокадо истотака на коцки, додадете ги зачините, сокот од лимон и полека измешајте се, внимавајќи да не се згмечи(раскашави) авокадото. На крај изрендајте го сирењето за украс и посипете со оригано или магданос.

Thursday, October 11, 2007

Полнети печурки



(За двајца)
Потребно е:

1. 10-тина големи печурки.
2. 100 грама лебни трошки
(Препечете 2 парчиња леб во рерна или на тост, потоа изронете ги со сукало)
3. 50 грама изрендан кашкавал
4. 2 големи лажици сок од домати
5. 1 лажица маслиново масло
6. сол и црн пипер за вкус

Изработка:

Избришајте ги печурките со сува крпа и отстранете им ги рачките.

Во друг сад измешајте ги останатите состојќи, додадете ги ситно исечкани рачките од печурките кои претходно ги отстранивте. Додадете сол и црн пипер по вкус.

Загрејте ја рерната на 375F (190C).

Наполнете ги печурките со вака подготвената смеса. Ставете ги во подмачкан плех на оддалеченост од 2см.



Печете околу 15-20 минути во добро загреана рерна или додека не добијат златно кафеава боја.

Може да ги послужите со ориз, со салата, или како предјадење.

Палачинки со Еурокрем и банани



Кој не сака палачинки нека крене рака. Јас ги обожавам.
Од многуте рецепти кои досега ги имам испробано, еве еден Неготински, за овој нема утка. Секако дека мора да имате и добра тава која не се лепи.

За тестото:
1. 250ml кисела вода
2. 1 јајце
3. 3 супени лажици зејтин
4. малку сол (неколку зрнца)
5. 10 супени лажици брашно (рамни)

За Фил:
Еурокрем-Таково (првиот, вистинскиот и единствениот)
2-3 банани

Подготовка на тестото: Во поголем сад се става се освен брашното, се меша добро со жица за матење. Постепено се додава брашното. Смесата треба да биде глатка.

Се црпе од смесата и се става толку колку да се обложи тавата. Се превртуваат за да се испржат и од двете страни. (За ова треба да сте махер, а и ако некоја ви заврши на подот при првите неколку обиди, без секиранција, ќе научите)

Од оваа смеса излегуваат негде околу 9 палачинки во средна големина.

Секоја се премачкува со еурокрем, се става банана и се завиткува во ролат.
Палачинките може да ги филувате и како солено предјадење со шунка, кашкавал, ќешап...
Ама јас си ги сакам вакви, класика. :)



И тоа е тоа.